Ekip
29 Декември 2021•Ажурирај: 30 Декември 2021
БРИСЕЛ
Турција во саботата ѝ го предаде на Франција водството на здружените единици со висока подготвеност на НАТО, објави денеска Воената алијанса, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Франција од 1 јануари 2022 година ќе го преземе раководството на Здружените единици со многу висока подготвеност (VJTF)“, се вели во соопштението на печатот.
„Здружените единици со многу висока подготвеност (VJTF) се значителен придонес за нашата колективна одбрана, а француското раководство е силен приказ на посветеноста и способностите“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Во време на невидени безбедносни предизвици, не смее да има недоразбирање за решителноста на НАТО: ние стоиме заедно да ги браниме и заштитиме сите сојузници“, додаде тој.
ВЈТФ е елемент на највисока подготвеност на силите за одговор на НАТО, кој се состои од 40.000 лица, кои овозможуваат распоредување на војници во рок од неколку дена.
Основан е во 2014 година како одговор на руската агресија врз Украина и кризите на Блискиот Исток.
Раководството на силите за висока подготвеност секоја година ротира меѓу земјите, а неколку земји обезбедуваат војници за мултинационалните сили.
Во 2022 година, француско-германска бригада од 3.500 војници ќе служи како јадро на ВЈТФ, додека Полска, Шпанија и Португалија, исто така ќе им се придружат на трупите.
Турција ја презеде командата во 2021 година, а Германија ќе ја преземе од Франција во 2023 година.