Dzihat Aliju
11 Јануари 2020•Ажурирај: 12 Јануари 2020
ТИРАНА
Меѓу Турција и Албанија е потпишан протоколот за соработка во врска со изградба на станбени единици по земјотресот кој ја погоди Албанија на 26 ноември минатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за животна средина и урбанизам на Турција, Мурат Курум, во рамки на инструкцијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за изградба на 500 станбени единици по земјотресот во Албанија, оствари посета на оваа земја, каде што денеска се сретна со премиерот на Албанија, Еди Рама.
По средбата, турскиот министер Курум и државниот министер за реконструкција на Албанија, Арбен Ахметај, е потпишан протоколот за соработка меѓу Министерството за животна средина и урбанизам на Турција и Министерството за реконструкција на Албанија за изградба на станбени единици по катастрофата.
На церемонијата за потпишување на протоколот учествуваа премиерот на Албанија, Еди Рама, турскиот министер за животна средина и урбанизам, Мурат Курум, министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, државниот министер за реконструкција на Албанија, Арбен Ахметај, шефот на турската државна Агенција за домување ТОКИ, Омер Булут, амбасадорот на Турција во Тирана, Мурат Ахмет Јорук, како и други функционери.
Пред потпишувањето на протоколот, министерот Курум и премиерот Рама се обратија пред присутните на церемонијата.
Курум нагласи дека по земјотресот во Албанија, во рамки на инструкциите на турскиот претседател Ердоган, во координација со АФАД, УМКЕ, Црвената полумесечина, Министерството и Амбасадата, на терен ѝ помагале на нивната пријателска и братска земја Албанија.
Потсетувајќи на инструкциите на претседателот Ердоган за изградба на 500 станбени единици, Курум истакна:
„Се надеваме дека кон крајот на јануари надлежните министри ќе ни го предадат земјиштето. Како што рече и премиерот [Рама], ова е еден мастер план во кој во фази ќе се изгради ново населено место во Албанија, со инфраструктура, социјални објекти кои ќе ја одразат албанската култура. Со изградба на 500 станбени градби ќе ја реализираме првата фаза.“
Курум нагласи дека на премиерско ниво ќе го потпишат прелиминарниот протокол за 500 станбени градби, и дека во координација со нивните колеги ќе ги водат процесите за поддршка од технички аспект.
„Турскиот народ секогаш стоеше до албанскиот народ, и ќе продолжи да стои и во наредниот процес“, рече Курум, посакувајќи протоколот да биде за доброто на секого.
- Рама: „Се наоѓаме во втората фаза од проектот“
Премиерот на Албанија рече дека се наоѓаат во втората фаза од проектот, и додаде: „Новите 500 станбени единици ќе бидат изградени од страна на нашите пријатели кои дојдоа од Турција, со инструкции на претседателот Ердоган. Се работи за 500 станбени единици, за кои го избравме подрачјето на Лач.“
Рама истакна дека со овој проект ќе се извршат суштински промени од урбанистички аспект, и дека сакаат да овозможат лицата кои останале без покрив над глава, да се сместат во новите домови.
Албанскиот премиер нагласи дека со турскиот министер Курум разговарале за еден поширок план, според кој нема да биде извршена само изградба на нови згради на местото на урнатите во земјотресот, туку ќе биде извршена и урбана трансформација, при што ТОКИ ќе изгради 500 станбени единици, а Фондот за развој на Албанија ќе ја преземе целата инфрастурктура.
Рама рече дека покрај тоа, ќе реализираат и постојани работи во врска со поплавите во зоната на Лач, додавајќи дека тоа е напреден план на кој и двете страни ќе работат заеднички.