Şerife Çetin
16 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
СТРАЗБУР (АА) – Иднината на Европската унија (ЕУ) не е Брегзит. Брегзит не може да го попречи нашиот развој и нема да го попречи, рече Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Јункер, зборувајќи на Генералното собрание на Европскиот парламент што се одржува во Стразбур, истакна дека сѐ додека Велика Британија продолжува да биде членка на ЕУ, треба да се однесува „конструктивно и одговорно“, и дека 27 членки на Унијата без Велика Британија имаат право да разговараат за клучните теми на Унијата.
„Иднината на ЕУ не е Брегзит. Брегзит не може да го попречи нашиот развој и нема да го попречи“, рече Јункер, додавајќи дека ЕУ треба да се фокусира на темите како што се буџетот, меѓународната трговија и изборите во ЕП.
„Иднината на Унијата ќе ја одредат трговските договори и односите со меѓународните партнери“, истакна Јункер.
- „ЕУ чека јасна порака“
Доналд Туск, претседател на Советот на ЕУ, осврнувајќи се на пожарот во катедралата „Нотр Дам“, ја изрази својата длабока тага. Тој, исто така, истакна дека е полн со верба дека Франција повторно ќе ја изгради катедралата „Нотр Дам“. Упатувајќи повик до земјите членки на ЕУ да ѝ помогнат на Франција, Туск нагласи:
„Пожарот во „Нотр Дам“ уште еднаш нѐ потсети дека врската меѓу нас не е формирана само од договори.“
Туск, потсетувајќи дека земјите на ЕУ на Самитот одржан минатата недела на Велика Британија до 31 октомври ѝ понудија флексибилна опција за одложување, додаде дека тој период е доволен за Велика Британија да најде решение за состојбата, и дека исто така ќе обезбеди и политички простор.
„Советот на ЕУ очекува јасна порака од Велика Британија за тоа какви чекори ќе преземе во иднина“, рече Туск.
„За тоа време Велика Британија може да го одобри Договорот за одделување од ЕУ или пак повторно да ја разгледа одлуката за Брегзит“, рече Туск, нагласувајќи дека на тој начин истовремено ќе ѝ даде можност на ЕУ да се фокусира на трговијата и изборите за Европскиот парламент.
- „Брегзит им здодеа на сите“
„Вклучувајќи се и самиот, во ЕУ и во Велика Британија Брегзит им здодеа на сите и јас со разбирање го прифаќам тоа“, истакна Туск, додавајќи дека тоа не треба да го смени фактот дека во однос на Брегзит треба да се пристапи со „јасни размислувања“.
Туск, потсетувајќи дека на минатонеделниот Самит еден лидер го предупредил дека не треба да биде „сонувач“, рече: „Во овој тежок период на нашата историја потребни ни се соништа и сонувачи. Не наведнуваме глава пред судбината. Секогаш ќе сонувам за подобра и единствена ЕУ.“