Gamze Türkoğlu Oğuz
13 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
АНКАРА (АА) - Овие денови се навршуваат седум години од почетокот на војната во Сирија, а во Извештајот на ОН се наведува дека 8,6 милиони сириски деца чекаат итна хуманитарна помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Фондот за помош на децата при Обединетите нации (УНИЦЕФ), објави Извештај во кој се наведува дека во периодот од 2014 до крајот на 2017 година, во Сирија се убиени најмалку 2.500 деца.
Изразувајќи загриженост дека вистинскиот биланс на настраданите деца во сириската војна е многу поголем од регистрираните, УНИЦЕФ во Извештајот наведува дека од десет милиони деца во Сирија, раселени се околу шест милиони.
Најмалку 2,5 милиони сириски деца не одат на училиште, а околу 3,3 милиони деца се изложени на опасност од заостанатите минско-експлозивни средства во сирискиот регион, каде што завршиле конфликтите.
Во текот на минатата година се регистрирани 175 напади врз образовните и здравствените установи во Сирија, а во Извештајот на УНИЦЕФ се наведува дека нападите врз цивилите се интензивирани во првите два месеца од тековната година, и дека се стравува оти во овие напади се убиени или повредени повеќе од 1.000 деца.
Исто така, се наведува дека децата сочинуваат најмалку 40 проценти од жртвите, загинати на минските полиња.
„Војната во Сирија трае со неприфатливо, несфатливо и дивјачко насилство врз децата.Илјадници деца беа убиени и сè уште ги убиваат. Десетици илјади деца се сериозно повредени, а последиците ќе ги носат во текот на целиот свој живот“, рече координаторот на УНИЦЕФ за Северна Америка и за Блискиот Исток.
Војната во Сирија започна на 15 март 2011 година, кога студентите во Дери на ѕидот на училиштето го испишаа слоганот „Луѓето сакаат да се сруши режимот“, и започнаа масовни протести, кои силите на режимот се обидоа да го задушат, применувајќи сила.
Крајот на војната во Сирија сè уште не се гледа, дури и по седум години, во кои стотици илјади луѓе се убиени, а повеќе од пет милиони ја напуштија земјата.