Mehmet Nuri Uçar
29 Јануари 2024•Ажурирај: 30 Јануари 2024
ГАЗА (АА) - Уште двајца палестински новинари се убиени денес во израелските воздушни напади врз Појасот Газа, со што бројот на палестински новинари кои беа цел на Израел од 7 октомври порасна на 122, соопштија официјални претставници и државните медиуми, пренесува Анадолу.
Израелските воени авиони изведоа напад на домот на новинарот Исам ал Лулу во градот Ал Завејда во централниот дел на Појасот Газа, јави агенцијата Вафа, додавајќи дека во нападот загинале и сопругата на Ал Лулу и неговите две деца.
Новинарот Мухамед Абдул-Фетах Аталах исто така е убиен во воздушен напад врз неговиот дом во енклавата, јави Канцеларијата за медиуми во Газа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас во октомври минатата година.
Во израелските напади кои почнаа на 7 октомври досега загинаа над 26.000 луѓе, главно жени и деца, раселени се 85 отсто од населението на блокираната енклава, каде што постојат услови за акутен глад.
Меѓународниот суд на правдата, во својата привремена одлука за случајот за геноцид поднесен од Јужноафриканската Република, му нареди на Израел да ги спречи актите на геноцид во Газа и да овозможи обезбедување на итно потребните основни услуги и хуманитарната помош за решавање на неповолните услови за живот со кои се соочуваат Палестинците.
Тел Авив, исто така, треба да поднесе извештај до МСП за сите преземени мерки за да се спроведе оваа наредба во рок од еден месец.