Mustafa M. M. Haboush,Halime Afra Aksoy
11 Март 2024•Ажурирај: 15 Март 2024
ГАЗА (АА) - Уште две бебиња во инкубатори починаа поради неисхранетост и недостаток на медицинска опрема во Појасот Газа, каде што Израел, обвинет за геноцид, извршува напади со месеци, јавува Анадолу.
„На првиот ден од Рамазан, две бебиња починаа во болница поради неисхранетост“, рече Самир Лебид, педијатар во Одделението за интензивна нега на болницата Кемал Адван, лоцирана во Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа.
Тој истакна дека смртните случаи настанале како резултат на тоа што Израел спречил храната и медицинските материјали да влезат во северниот дел на Појасот Газа.
Лебид рече дека неисхранетоста произлегува од недостатокот на нутритивни ресурси како што е млекото, кое е основна храна за бебињата, особено за предвремено родените бебиња.
Тој предупреди дека доколку ваквата состојба продолжи, „ќе се случи медицинска катастрофа која ќе резултира со смрт на повеќе деца поради неисхранетост“.
Палестинскиот лекар ги повика сите меѓународни институции и Црвениот крст да „преземат итна акција за испорака на храна и медицински материјали до луѓето во северниот дел на Појасот Газа“.
Со смртта на уште две бебиња, бројот на починати од глад и неисхранетост во Појасот Газа се искачи на 27.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Нападите, меѓутоа продолжуваат со несмалено темпо, а испораката на помош останува недоволна за справување со хуманитарната катастрофа.
Од 7 октомври минатата година, најмалку 31.112 Палестинци се загинати во израелските напади врз Појасот Газа.