Bahattin Gönültaş
06 Април 2020•Ажурирај: 08 Април 2020
БЕРЛИН (АА) - Германскиот производител на автомобили БМВ го пролонгираше прекинот на работата во фабриките во Европа и Северна Америка до крајот на април, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Претходно, раководството на БМВ објави дека прекинот на работата ќе трае до средината на април, а денес од германскиот автомобилски гигант соопштија дека прекинот на работата во фабриките во Европа и Северна Америка ќе остане во сила до 30 април.
До запирање на производството дојде поради пандемијата на Ковид-19, а во денешното соопштение се наведува дека БМВ во првиот квартал од оваа година забележал пад на продажбата за 20,6 отсто, односно дека се продадени 477.111 автомобили помалку во однос на истиот период минатата година.
Продажбата на возилата на БМВ поради пандемијата на коронавирусот опадна за 30,9 отсто во Кина, 18,3 отсто во Европа и 17,4 отсто во САД.
Од БМВ исто така соопштија дека поради пандемијата привремено се затворени 80 отсто од продажните салони во Европа и 70 отсто од салоните во САД.