Emel Öz
12 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
ВАШИНГТОН
Федералното истражно биро (ФБИ), по налог на американскиот претседател Џо Бајден, го објави првиот од тајните документи што се темелат на нивните истраги за терористичките напади на 11 септември, известува Агенција Анадолија (АА).
ФБИ го објави документот од 2016 година, од кој е симната ознаката за доверливост, во врска со логистичката поддршка на двајца саудиски киднапери во терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Документот што детално ги опишува контактите на киднаперите со нивните саудиски партнери во САД, вклучува информации за државјанин на Саудиска Арабија за кој се смета дека им помогнал на двајцата киднапери кои ги извршија нападите на 11 септември.
Во документот се споменува дека Омар ал-Бајуми, државјанин на Саудиска Арабија, учествувал во обезбедувањето на патувања, сместување и финансиска помош на двајцата киднапери.
Минатата недела американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршна наредба што наложува објавување на документите кои досега биле доверливи, засновани на истрагите на ФБИ за терористичките напади на 11 септември.
Во последно време во американската јавност во подем се критиките според кои Бајден не презел никакви чекори за жртвите од 11 септември.