Aybala Arpacı
21 Јули 2016•Ажурирај: 22 Јули 2016
САРАЕВО (АА) - Поглаварот на Исламската заедница во Црна Гора, Рифат Фејзиќ изјави дека ситуацијата во Турција не е важна само за народот на Турција, туку за целиот исламски свет, изразувајќи го своето уверување дека Турција е „локомотива на исламскиот свет", јавува Anadolu Agency (AA).
Црногорскиот реис-ул-улема Фејзиќ во разговор за АА истакна дека стравични и тажни биле настаните што се случиле во Турција во петокот вечерта, за време на неуспешниот обид за воен удар.
Истакнувајќи дека во текот на ноќта примил голем број повици од Црна Гора, Фејзиќ рече дека поради настаните во Турција, не се загрижени само Турците, туку и муслиманите на Балканот.
Додавајќи дека нападот врз демократски избраната влада и претседателот претставува и напад врз целиот турски народ, Фејзиќ рече дека ноќта кога беше извршен обидот за воен пуч, турскиот народ со својот храбар став и борба покажал дека станува збор за народ со богата традиција.
Осврнувајќи се и на мрежата на терористичката организација Фетулаџи/Паралелна државна структура (ФЕТО/ПДЈ), Фејзиќ рече дека припадниците на таа заедница започнале некои активности во Црна Гора и одредени кругови почнале да ја симпатизираат таа структура, додавајќи дека тие кругови се оддалечиле од овие структури по декемвриските настани во Турција.
„Уверен сум дека и ретките преостанати активисти од групата ФЕТО во Црна Гора ќе завршат. Сами си ги запалија своите бродови. Се сомневам дека по овој настан нема да добијат некаква поддршка, симпатии или разбирање во јавноста, особено тоа нема да се случи од муслиманите. Се сомневам дека ќе имаат каква било поддршка од луѓето што ја сакаат Турција и исламот“, рече Фејзиќ.
Тој нагласи дека исламската заедница на Црна Гора во изминатите неколку години била многу внимателна кога станувало збор за активностите на организацијата што работела на рушење на легалната и легитимна власт во Турција. Фејзиќ рече дека црногорската исламска заедница спречила во неа да влезат поддржувачи од таа организација. „Го спречивме влегувањето на групата ФЕТО во нашата институција. Не им го дозволивме тоа, ниту ќе им го дозволиме во иднина.На луѓето ќе им укажуваме на активностите и целите на таа група“, рече Фејзиќ.
Поглаварот Фејзиќ истакна дека Црна Гора и Турција во последно време имаат блиски односи и додаде дека тие односи се од исклучително значење за муслиманите кои се малцинство во Црна Гора.
„Доколку успееше воениот удар во Турција, и муслиманите во Црна Гора ќе ги почувствуваа неговите негативни последици. Турција е земја што отсекогаш се сакала и во последните 10 до 12 години повторно нѐ пронајде и ни ги отвори рацете", рече Фејзиќ.
Истакнувајќи дека муслиманите во своите молитви секогаш ќе бидат со Турција, со нејзиниот лидер и народ, Фејзиќ рече дека со одлука на исламската верска заедница, утре во сите црногорски џамии, по петочната молитва, ќе биде извршена молитва за сите починати херои што ги загубија своите животи за време на обидот за воен удар во Турција.