Ömer Tuğrul Çam,Selen Temizer
13 Септември 2022•Ажурирај: 14 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) – Премиерката на Финска, Сана Марин, истакна дека често се среќаваат и соработуваат со турските официјални лица во врска со загриженоста што Туркије (Турција) ја искажува по барањето на нејзината земја за членство во НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По нејзиното обраќање на Генералното собрание на Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур, Франција, Марин одржа заедничка прес-конференција со претседателката на ЕП, Роберта Мецола.
На прашањето за апликацијата на Финска за членство во НАТО и нејзините односи со Туркије, Марин, потсетувајќи дека моментално во тек е процесот на одобрување во земјите членки на НАТО, рече:
„Сакаме процесот на ратификација да продолжи што е можно побрзо во сите земји на НАТО. Се разбира, ние со Туркије често разговараме за прашањата што тие ги поставуваат и работиме врз основа на тоа што се договоривме. Ние сега сме сред процесот на ратификација и не би сакал да шпекулирам за прашања што не постојат.“
- „Судството одлучува за депортација“
На прашањето дали добиле барање за депортирање на лица поврзани со терористичката организација ПКК, Марин одговори:
„Владеењето на правото е многу важно за Финска. Тоа е вредност на која ѝ придаваме важност. Тоа не се политички одлуки. Во владата не разговараме за тоа дали да депортираме некого од Финска. Тоа не се одлуки кои се носат од политичари. Јавните службеници и правосудните институции носат такви одлуки.“
- „Путин ќе ја загуби војната“
Во своето обраќање на Генералното собрание на ЕП, премиерката Марин истакна дека Европа минува низ вонредни времиња поради војната во Украина, нестабилноста на енергетскиот пазар, зголемената инфлација, климатските промени манифестирани со суша и пожар.
„Путин ќе ја загуби војната. Украина ќе победи со наша поддршка“, нагласи Марин.
Таа рече дека нејзината земја не е многу зависна од рускиот гас и обезбедува енергетска разновидност, и дека потребни се решенија на ниво на ЕУ.
„Санкциите мора да бидат на ниво на кое ќе влијаат на секојдневниот живот на обичните руски граѓани“, рече Марин.
Таа нагласи дека војната ја откри важноста на одбранбената индустрија и енергетската независност.
„Мораме да признаеме дека зазедовме многу наивен однос кон Русија и нашите очекувања ги базиравме на функционирањето на Русија. Требаше да ги слушаме нашите балтички и полски пријатели кои живееја под советска власт“, додаде финската премиерка.