Ekipa
19 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
МИНХЕН (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ја обвини Русија дека се обидува да ги промени правилата на меѓународниот поредок, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се соочуваме со очигледен обид за преиначување на правилата на меѓународниот поредок. Доволно е само да се прочита неодамнешното соопштение објавено од руските и кинеските лидери. Тие бараат нова ера, како што велат, за да ги заменат постоечките меѓународни правила“, рече Фон дер Лајен на Минхенската безбедносна конференција.
Таа додаде дека тие „повеќе го сакаат владеењето на најсилните од владеењето на правото, заплашувањето наместо самоопределувањето, принудата наместо соработката“.
Таа го обвини Кремљ дека „се обидува да ја поткопа европската безбедносна архитектура“.
Предупреди дека доколку Русија ја нападне Украина, Европската Унија ќе биде подготвена да предизвика висока цена и тешки последици врз економските интереси на Русија.
Фон дер Лајен нагласи дека Европската Унија е целосно подготвена во случај на прекин на испораката на руски гас.
„Денес можам да ви кажам дека дури и ако Русија целосно го наруши снабдувањето со гас, оваа зима сме безбедни“, рече претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен изнесе обвинувања и против руската компанија за гас „Гаспром“.
„Гаспром свесно се обидува да складира и испорача што е можно помалку додека цените и побарувачката растат“, додаде таа.
Во ЕУ со недели се стравува дека конфликтот со Русија може да доведе до прекини во испораката на гас.
Според податоците на Европската комисија, ЕУ до неодамна покривала 24 отсто од енергетските потреби од гас, од кои 90 отсто беа од увоз. Околу 40 отсто од увозот доаѓал од „Гаспром“.