Murat Ünlü
14 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
ПАРИЗ (АА) - Франција го повлече носачот на авиони „Шарл де Гол“, којшто ги транспортира воените авиони што Франција ги користи во операциите против терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Носачот на авиони ќе биде подложен на технички ремонт што ќе трае 18 месеци.
По терористичкиот напад на ДЕАШ во Париз, на 17 ноември 2015 година, во којшто загинаа 130 луѓе, Франција го постави носачот на авиони „Шарл де Гол“, кој има капацитет да пренесува 24 воени авиони од типот „рафал“, во источниот дел на Средоземното Море.
Минатиот петок, носачот на авиони „Шарл де Гол“ беше посетен од страна на претседателот на Франција, Франсоа Оланд, кој истакна дека воените авиони на неговата земја во рамките на борбата против ДЕАШ во Ирак и во Сирија реализирале 5 илјади летови и неутрализирале околу 1.600 цели.
Франција се приклучи во борбата против ДЕАШ во септември 2014 година. Се очекува воздушните напади на Франција против ДЕАШ да продолжат со авионите од воените бази во Јордан и во Обединетите Арапски Емирати.
Франција минатата година испрати воени експерти за да ги обучуваат силите Пешмерга во операцијата за преземање на Мосул од ДЕАШ. Исто така, Франција како поддршка на операцијата за Мосул испрати топовска батерија.
Според сознанијата, 18-месечниот технички ремонт на „Шарл де Гол“ ќе чини 1,3 милиони евра.