Diyar Güldoğan, Necva Taştan Sevinç
13 Август 2026•Ажурирано: 13 Август 2026
Франција и 25 други земји, заедно со шефицата за надворешна политика на Европската Унија, вчера „на најостар можен начин“ ги осудија континуираните егзекуции на демонстранти во Иран и употребата на смртната казна, јавува Анадолу.
„Употребата на смртната казна за замолчување на неистомислениците, заплашување на заедниците и казнување на поединци за остварување на нивните основни права никогаш не може да биде оправдана“, се наведува во соопштението објавено од француското Министерство за надворешни работи.
Потписниците нагласија дека иранскиот народ мора да може да ги остварува своите права на слобода на изразување и мирно собирање без страв.
„Го повикуваме иранскиот режим веднаш да ја прекине употребата на смртната казна и да ги ослободи сите оние кои се произволно притворени“, се наведува во соопштението.
Тие исто така го повикаа Иран „да го слушне гласот на својот народ“, за кој рекоа дека бара промени, и да преземе конкретни чекори за гарантирање на почитувањето на човековите права.
Соопштението го потпишаа земји меѓу кои Франција, Канада, Германија, Австралија, Данска, Шпанија, Нов Зеланд, Холандија, Португалија, Шведска и Велика Британија, како и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, пак, ги обвини земјите за лицемерство во врска со нивните изјави за човековите права и меѓународното право.
„Земји како Франција треба да престанат да му држат лекции на светот за ‘човековите права’ и меѓународното право. Лицемерството е очигледно и срамно.
Вашата поддршка за геноцидот на Израел во Газа – и агресијата против Иран – го уништија она морално право на супериорност за кое замислувавте дека го имате“, рече Арагчи на американската платформа за социјални медиуми Х.