Ahmet Gençtürk
09 Април 2024•Ажурирај: 10 Април 2024
АТИНА (АА) - Франција денес соопшти дека може да размисли за воведување санкции за да го притисне Израел да дозволи влез на поголеми количини хуманитарна помош во Газа, пренесува Анадолу.
Министерот за надворешни работи Стефан Сежурне рече дека Франција е една од првите земји што предложи ЕУ-санкции за илегалните еврејски доселеници на Западниот Брег кои беа вклучени во насилните акции против Палестинците.
„Мора да има лостови на влијание и има повеќе лостови кои ќе доведат до санкции за да се дозволи хуманитарната помош да помине преку контролните пунктови“, изјави тој за јавните сервиси РФИ и Франс 24.
„Франција бара отворање хуманитарни коридори на северот и југот, во Рафа и Газа, за да можат да минуваат најмалку 300 камиони“, рече Сежурне.
Тој додаде дека Франција ќе продолжи да работи за итен прекин на огнот и мирно решение на долготрајниот израелско-палестински конфликт врз основа на решението за формирање две држави.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива на палестинската територија по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа речиси 1.200 лица.
Во израелските напади, што оттогаш започнаа врз Појасот Газа, загинаа над 33.200 Палестинци, а речиси 76.000 се повредени, се предизвика масовно уништување и недостиг на неопходни средства за живот.
Советот за безбедност на ОН на 25 март донесе резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа за време на светиот муслимански месец Рамазан. Хамас ја поздрави резолуцијата, но Израел го отфрли повикот за прекин на огнот и вети дека ќе ја продолжи својата војна против палестинската енклава.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во јануари донесе привремена одлука со која му беше наложено да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.