Esra Taşkın
26 Ноември 2023•Ажурирај: 27 Ноември 2023
СТАН (АА) – Турските медиуми имаат голема улога во докажувањето на употребата на бел фосфор од страна на Израел во Појасот Газа, изјави францускиот адвокат Жил Деверс, јавува Анадолу.
Деверс, инаку адвокат кој ги застапува правата на Палестинците во Меѓународниот кривичен суд (МКС), присуствуваше на состанокот во париското предградие Стен вчера за жалбата што беше поднесена на 9 ноември против воените злосторства на Израел.
Тој ги критикуваше француските власти за нивната рамнодушност кон она што се случува на Блискиот Исток и нападите насочени кон палестинските цивили.
Деверс потсети дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) е единственото судско тело каде Палестина се смета како рамноправна со останатите држави.
Адвокатот истакна дека Туркије и Алжир се двете земји кои отворено го поддржаа МКС.
По состанокот, Деверс за Анадолу изјави дека турските медиуми играат улога во докажувањето на израелската употреба на бел фосфор во Палестина.
„Имаме јасни фотографии кои покажуваат употреба на бел фосфор“, рече тој, додавајќи дека МКС ја смета жалбата како „примарна работа“.
Градоначалникот на Стан, Азедин Таиби, кој исто така присуствуваше на состанокот, повика на ослободување на сите заложници и затвореници од страна на Хамас и Израел.
„Ситуацијата во Газа е катастрофална. Ова е воено злосторство. Ова не може да се негира. Ова е злосторство против човештвото“, рече Таиби, повикувајќи на итен прекин на огнот.
Со посредство на Катар, во петокот стапи на сила четиридневна хуманитарна пауза, со што привремено беа запрени нападите на Израел врз Појасот Газа, а почна и размената на заробеници.
Во првите два дена од хуманитарната пауза, Израел и Хамас разменија 41 Израелец и други странски државјани за 78 Палестинци од израелските затвори.
Според договорот, заложниците и затворениците ќе бидат ослободувани во групи во текот на четирите дена.
Израел започна голема воена кампања во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во израелските напади загинаа најмалку 14.854 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, според здравствените власти во енклавата. Бројот на загинати во Израел, според официјални информации, изнесува 1.200.