Ömer Aydın
18 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
ПАРИЗ (АА) - Министерот за економија на Франција, Бруно ле Мер, соопшти дека нема да учествува на конференцијата за инвестиции која ќе се одржи меѓу 23 и 25 октомври во саудискиот главен град Ријад, под покровителство на саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Селман, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот Ле Мер, на програма на ТВ-каналот „Public Senat“, говореше околу актуелните теми.
Ле Мер информираше дека нема да учествува на конференцијата „Иницијатива за инвестирање во иднината“, која ќе се одржи меѓу 23 и 25 октомври во Ријад.
„Случувањата се многу тешки. Треба да се откријат сите мрачни точки. Во оваа состојба нема да патувам во Ријад“, рече тој, потсетувајќи на минатонеделната изјава на претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Францускиот министер рече дека со оваа одлука не го зема за цел стратешкото партнерство меѓу Франција и Саудиска Арабија.
Претседателот на Управниот одбор на банката „BNP Paribas“, Жан Лемиер, како и генералниот директор на „Societe Generale“, Фредерик Оудеа, вчера соопштија дека нема да учествуваат на оваа конференција, наречена „Давос во пустината“.
Исто така, и претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, пред извесно време соопшти дека нема да биде дел од оваа конференција.
Меѓу другото, и следните светски познати личности соопштија дека нема да учествуваат на конференцијата која ќе се одржи во Ријад: извршниот директор на „JPMorgan Chase“, Џејми Дајмон; извршниот директор на „Blackrock“, Лери Финк; извршниот директор на „Blackstone“, Стивен Шварцман; извршниот директор на „Google Cloud“, Дијана Грин; извршниот директор на Лондонската берза, Дејвид Швимер; претседателот на Светската банка, Џим Јонг Ким; извршниот директор на „Uber“, Дара Косровшахи; претседателот на Управниот одбор на „Ford“, Бил Форд; основачот на AOL, Стив Кејс; извршниот директор на „Viacom“, Боб Бакиш, како и еден од поранешните раководители на „Google“, Каи-фу Ли.