свет

Францускиот министер за надворешни работи како провокации ги оцени заканите на израелскиот премиер кон Либан

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во снимено видео вчера му се обрати на либанскиот народ и упати големи критики за Хезболах

Nur Asena Ertürk  | 09.10.2024 - Обновена : 10.10.2024
Францускиот министер за надворешни работи како провокации ги оцени заканите на израелскиот премиер кон Либан

АНКАРА (АА) - Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, ги опиша заканите на израелскиот премиер кон Либан како „провокации“, пренесува Анадолу.

„Доколку тие провокации станат реални, тоа би го одвлекло Либан, пријателска земја на Франција, и онака толку кревка, во хаос“, изјави Баро за телевизијата Франс 2 во синоќешното интервју.

Во снименото видео објавено вчера, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се обрати на либанскиот народ и упати големи критики за Хезболах.

Тој го предупреди либанскиот народ пред нивната земја „да падне во амбисот на долга војна што ќе доведе до деструкција и страдање како што гледаме во Газа“.

Ова, исто така, би предизвикало повеќе безбедносни проблеми за Израел, рече Баро, нагласувајќи дека ситуацијата во Либан е веќе „катастрофална“.

Францускиот министер предупреди дека регионот е на раб на прелевање и нагласи: „Ова прелевање е наша грижа, ги засега сите Французи.“

Во овој контекст, Баро повика на имплементирање на дијалогот и дипломатијата наместо силата за решавање на конфликтот.

Израел продолжува со воздушните и копнените напади врз Либан, истовремено изведувајќи напади врз Газа.

Се зголемуваат стравувањата дека континуираната ескалација може да доведе до сеопфатна војна во регионот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.