Mohammad Sıo
13 Ноември 2024•Ажурирај: 14 Ноември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Хезболах денес соопшти дека извршил напад на седиштето на израелското Министерство за одбрана во Тел Авив со ескадрила дронови, што е прв таков напад по избувнувањето на прекуграничната војна меѓу двете страни минатата година, јавува Анадолу.
Либанската група соопшти дека лансирала ескадрила од напредни прецизно наведувани дронови во базата Кирија во Тел Авив, „прецизно погодувајќи ги своите цели“.
Хезболах истакна дека во базата Кирија се сместени седиштето на Министерството за одбрана, Генералштабот, Центарот за воена команда и контролата и надзорот на воздухопловните сили.
Засега нема коментар од израелските власти за нападот.
Тензиите ескалираа откако Израел започна голема воздушна кампања врз Либан од крајот на септември против, како што тврди, позиции на Хезболах, што е ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и либанската група од почетокот на бруталната израелска офанзива врз Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.
Според либанските здравствени власти, речиси 3.300 луѓе се убиени, над 14.200 повредени, повеќе од 1 милион луѓе раселени во израелските напади од октомври минатата година.
Израел на 1 октомври го прошири конфликтот со започнување на копнен упад во јужен Либан.