свет

Хезболах официјално ја потврди смртта на лидерот Хасан Насрула во израелски напад

„Сејед Хасан Насрала, генералниот секретар на Хезболах, им се придружи на своите големи и бесмртни маченици соборци, чиј пат го водеше околу триесет години...“

Ikrame Imane Kouachi  | 28.09.2024 - Обновена : 28.09.2024
Хезболах официјално ја потврди смртта на лидерот Хасан Насрула во израелски напад

БЕЈРУТ (АА) - Хезболах денес ја потврди смртта на нивниот генерален секретар Хасан Насрала, во, како што го нарече, „предавничкиот ционистички напад“ врз јужните предградија на Бејрут, пренесува Анадолу.

Во соопштението, Хезболах објави: „Сејед Хасан Насрала, генералниот секретар на Хезболах, им се придружи на своите големи и бесмртни маченици соборци, чиј пат го водеше околу триесет години, станувајќи маченик на патот кон Ерусалим и Палестина“.

Во соопштението се нагласува повеќедецениското водство на Насрала во отпорот против Израел, истакнувајќи дека неговата посветеност на каузата за палестинско ослободување го дефинира неговиот живот, а сега и неговото „мачеништво“.

Насрала, кој беше генерален секретар на Хезболах од 1992 година, одигра клучна улога во либанското движење на отпорот, особено во неговото спротивставување на израелските сили.

Неговата смрт е битен момент во тековниот конфликт меѓу Хезболах и Израел.

Соопштението на Хезболах завршува со потврдување на посветеноста на групата кон мисијата на Насрала: „Неговото мачеништво само ќе ја зајакне решителноста на отпорот да ја продолжи борбата против ционистичкиот непријател и да ја ослободи Палестина“.

Претходно во денешно соопштение израелската армија тврдеше дека лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, е ликвидиран за време на операцијата врз централната команда на Хезболах лоцирана под станбена зграда во јужните предградија на Бејрут.

Од понеделникот, израелската армија го спроведува „најинтензивниот и најсеопфатен“ напад врз Либан од почетокот на нејзините судири со Хезболах пред околу една година.

Како одговор, Хезболах истрела стотици ракети врз израелските воени локации, населби, па дури и кон седиштето на Мосад во Тел Авив.

Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската офанзива врз Појасот Газа, во кој загинаа речиси 41.600 жртви, главно жени и деца.

Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста за претворање на конфликтот во Газа во регионална војна.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın