Abdullah Aşıran
06 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
ХАГ (АА) - Холандскиот Парламент го отфрли пратеничкото барање да се стави на дневен ред прашањето за ситуацијата на муслиманите Рохинџа, јавува Anadolu Agency (AA).
Партијата Денк во Холандија упати предлог да се стави на дневен ред прашањето за насилството над муслиманите Рохинџа, но парламентот тоа го одби, со образложение дека не се работи за доволно важно прашање.
Лидерот на партијата Денк, Тунахан Кузу, за АА изјави дека во холандскиот Парламент се применува двоен стандард.
„Парламентот е место каде што треба да се разговара за состојбата на муслиманите од Аракан. Поради тоа, срамно е одбивањето на нашето барање“, изјави Кузу.
Тој додаде дека не е доволно само да се врши дипломатски притисок врз властите на Мјанмар.
„Ние предлагаме Владата на Холандија да ги прими муслиманите Рохинџа како бегалци и таа практика да им ја предложи и на другите европски земји. Освен тоа, од Холандија бараме да ги замрзне економските односи со Мјанмар кои се зајакнати по официјалната посета на Владата на Холандија на оваа земја во 2015 година“, нагласи Кузу.
Лидерот на партијата Денк на крајот рече дека ОН треба итно да интервенираат и да го спречат насилството врз муслиманите Рохинџа.