Ahmed Asmar
29 Ноември 2024•Ажурирај: 01 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Цивилната одбрана на Газа денес соопшти дека 100 Палестинци се убиени во израелските напади и масакри во северниот дел на Газа во изминатите 24 часа, јавува Анадолу.
Портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал рече дека 75 од жртвите се убиени во израелските воздушни напади врз два дома во Беит Лахиа, додека останатите во Џабалија и други делови на северот на Газа.
„Бројот на убиени од почетокот на израелската воена операција во северниот дел на Газа (на 5 октомври) достигна 2.700 Палестинци, а 10.000 се повредени“, изјави Басал за Анадолу.
Тој ја опиша ситуацијата во северниот дел на Газа како „катастрофа и геноцид, каде нема никој да им пружи помош на цивилите“.
Портпаролот нагласи дека израелската армија гаѓа на секое движење на кое било лице во северниот дел на Газа, па дури и оние кои полнат вода или бараат храна и дрва за огрев.
Од 5 октомври, Израел започна голема копнена операција во северниот дел на Газа за наводно да го спречи прегрупирањето на палестинската група на отпорот Хамас. Но, Палестинците го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Оттогаш, речиси и да не е дозволен влез на хуманитарна помош, храна, лекови и гориво, во подрачјето, оставајќи го најголемиот дел од населението таму, во моментов проценето на 80.000, на работ на глад.
Израелската офанзива врз Појасот Газа започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Во офанзивата досега се убиени повеќе од 44.000 луѓе, а енклавата е претворена во место непогодно за живеење.
Минатата недела, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради постапките во Газа.