Bayram Altuğ
04 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
КРАН-МОНТАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција на преговорите за кипарското прашање има добри намери и флексибилен став, и дека таков став досега не е забележан кај грчката страна, јавува Anadolu Agency (AA).
Во швајцарското гратче Кран-Монтана вчера продолжија преговорите за решавање на кипарското прашање, а делегациите своите предлози и ставови ѝ ги предадоа на делегацијата на ОН, која посредува во преговорите.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, кој исто така престојува во Швајцарија, денес истакна дека неговата земја има добри намери, а истото го очекува и од другата страна.
„Турција има добри намери и флексибилен став. Тоа секако мора да биде заемно. За жал, кај другата страна до денес не забележавме таков пристап“, порача Чавушоглу, и додаде дека досега се забележани и некои чекори како потурање на одредени документи, кои се надвор од рамките на чесно однесување.
Конференцијата во конгресниот центар „Ле регент“ на Алпите продолжи со состанокот на делегациите на Република Кипар и Турска Република Северен Кипар, и делегацијата на земјите таканаречени гаранти, Турција, Грција и Велика Британија.
Земјите-гаранти на специјалниот пратеник на ОН за Кипар, Еспен Барт Еиде, му ги предадоа предлозите за решавање на прашањето за безбедност и гаранции за мир на Кипар, а потоа и делегациите на двата дела на Кипар ги предадоа своите предлози кои ги опфаќаат сите други прашања битни за решавање на кризата што трае веќе пет децении.
Главните теми на преговорите во Швајцарија се идниот економски систем во Кипар, членството во Европската Унија, распределбата на власта, правниот статус на земјиштето, гаранциите, безбедносниот систем и сопственоста врз јавните ресурси. Целта на преговорите е обединување на поделениот Кипар во федерална целина, а тоа решение во голема мера ќе ги одреди и идните односи на Турција со Европската Унија.
Последниот обид за обединување на Кипар заврши неуспешно во 2004 година, кога гласачите во Република Кипар на референдум одбија да го прифатат планот предложен од страна на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.
Островот Кипар е поделен во 1974 година, со избувнувањето на воениот удар во грчкиот, јужен дел на Кипар, кој беше проследен со обид за прогон на кипарските Турци, што беше повод за воената интервенција на Турција како земја-гарант на мирот на овој остров. Оттогаш постојат Република Кипар, која е членка на Европската Унија, и Турска Република Северен Кипар. Турција го задржа военото присуство на островот, како гаранција за мирот и стабилноста. Сегашните власти на двата дела на Кипар и делегациите на Турција и Грција работат на создавање план за обединување на Кипар во федерална целина.