Dildar Baykan
02 Јануари 2018•Ажурирај: 03 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше со иранскиот колега, Џавад Зариф, во врска со акутелната ситуација во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван извор од турското Министерство за надворешни работи за АА потврди дека шефовите на дипломатиите на двете земји телефонски разговарале за голем број теми, вклучувајќи го и актуелниот бран на масовни протести во Иран.
Незадоволни од економската ситуација во Иран, демонстрантите во градот Мешхед започнаа да протестираат во четвртокот, а протестите брзо добија антивладин карактер и се проширија и во другите градови низ земјата.
Во пишаното соопштение на министерството се наведува дека Турција е загрижена поради веста за загинатите цивили и уништувањето на јавните објекти за време на масовните протести, кои во Иран започнаа на 28 декември.
Истакнувајќи дека Иран е пријателска и братска земја на Турција, од Министерството за надворешни работи во Анкара порачаа дека придаваат голема важност во однос на зачувувањето на стабилноста и општествениот мир во соседството.
„Уверени сме дека е потребно да се спречи насилството и да се избегнат провокациите, а иранскиот претседател Хасан Рохани во тој контекст претходно порача дека народот на Иран има право на протести, но не и на кршење на законот и нанесување штета на јавните добра“, се наведува во соопштението.
Турција изрази надеж дека страстите во Иран брзо ќе се смират и дека ќе се воспостави јавен мир, како и дека ќе биде спречена подбуцнувачката реторика и надворешните фактори кои предизвикуваат ескалација на немирите.