Ömer Tuğrul Çam,İhvan Radoykov,Tevfik Durul
31 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
АНКАРА/СОФИЈА (AA) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакнувајќи дека Бугарија има позитивна улога во Европската Унија, нагласи: „Ние сме задоволни со ставот на Бугарија кон Турција во ЕУ“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу по средбата со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во Софија, главниот град на Бугарија, заедно одржаа прес-конференција.
Заблагодарувајќи се на пораките со сочувство и за солидарноста на Бугарија по земјотресот со јачина од 6,8 степени, што се случи во Елазиг, Чавушоглу рече: „Бугарија за нас не е само сосед туку сојузничка и пријателска земја.“
Тој, исто така, додаде дека соработката меѓу двете држави во многу области треба да биде земена како пример.
Министерот Чавушоглу, истакнувајќи дека постојат тешкотии со кои се соочуваат двете земји, рече дека тие се надминати со заедничкото работење. Како пример за успешната соработка, Чавушоглу ја наведе борбата против нелегалната миграција.
Наведувајќи дека билатералната трговија меѓу двете земји е зголемена, Чавушоглу рече дека е задоволен од тоа што трговијата е балансирана и дека можат да ја достигнат целта од 10 милијарди долари.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека е задоволен од тоа што инвестициите на турските фирми во Бугарија се зголемени и рече дека зголемувањето на инвестициите е резултат на довербата во Бугарија и на поддршката на бугарската администрација.
Чавушоглу информираше дека се сретнал со претставниците на турските компании што работат во Бугарија.
„Тие обезбедуваат вработување за околу 20 илјади луѓе. Ние ќе ги охрабриме да ги зголемат своите инвестиции“, рече Чавушоглу.
Осврнувајќи се на важноста на туризмот, Чавушоглу рече дека смета дека со олеснувањето на визниот режим повеќе турски граѓани ќе ја посетат Бугарија.
- „Ние сме задоволни со ставот на Бугарија кон Турција во ЕУ“
На прес-конференцијата Чавушоглу, исто така, нагласи:
„Ние сме свесни за позитивната улога на Бугарија во ЕУ. Ние сме задоволни со ставот на Бугарија кон Турција во ЕУ. Претседавањето на Бугарија со ЕУ во 2018 година според нас беше најактивниот период. За време на претседавањето можам да кажам дека Бугарија навистина беше објективна, конструктивна, имаше балансиран пристап и на меѓународните платформи имаше објективен став. И поради јасниот став на премиерот ние ја поддржуваме оваа улога на Бугарија.“
Турскиот минситер за надворешни работи изјави и дека двете држави ќе ја продолжат соработката во областа на енергијата.
„Ние станавме центар за енергетска безбедност. Ќе ја зголемиме нашата соработка“, потенцираше Чавушоглу.