Emin Avundukluoğlu
03 Јули 2016•Ажурирај: 04 Јули 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави денес дека во процесот на нормализирање на односите со Израел, Турција ќе направи значителен придонес за мировниот процес на Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).
За информативниот канал TRT Haber, Чавушоглу рече дека шестгодишната пауза во турско-израелските односи е причина за изостанување на помошта во процесот.
„Турција ќе даде значителен придонес за мирот на Блискиот Исток во следниот процес”, се обврза Чавушглу, денес, кога турски хуманитарен брод се закотви на пристаниште во Израел со 11.000 тони помош за Палестинците.
Чавушоглу, исто така, рече дека Турција сака Палестина да се развива економски.
„На Газа и Палестина им треба сè повеќе и повеќе. Инфраструктурата e уништена по (израелските) нападите. Болниците и училиштата беа уништени. Беа нападнати и згради на ОН. Во однос на ова, Турција ќе ѝ даде поддршка (на Палестина)”.
„Ние градиме организирана индустриска зона во Џенин каде што ќе бидат вработени околу 6.000 луѓе. Ги отстранивме и потешкотиите за директен трансфер на финансиите (до Палестина)”, додаде тој.
Дипломатските односи помеѓу Турција и Израел беа прекинати во 2010 година, откако израелските војници извршија напад на хуманитарниот брод „Мави Мармара” во интернационални води кој носеше помош за Газа, при што загинаа 10 турски активисти.
Бродот патуваше заедно со шест цивилни бродови кои сакаа да ја пробијат израелската блокада на Газа.
Како последица на нападот, Турција побара формално извинување од Израел, надомест за семејствата на загинатите и укинување на блокадата на Газа од страна на Израел.
Во 2013 година, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази жалење за нападот.
Минатата недела, повеќемесечните преговори меѓу двете земји, конечно вродија со плод, а Турција најави дека ќе биде потпишан договор за нормализирање на односите помеѓу Турција и Израел.
Според договорот, во прилог на согласноста на хуманитарното присуство на Турција во Газа, Израел ќе плати 20 милиони долари компензација на семејствата на жртвите од бродот „Мави Мармара”.