Amir Latif Arain
08 Јуни 2026•Ажурирано: 08 Јуни 2026
Бројот на загинати во земјотресот со магнитуда од 7,8 степени што денес ги потресе јужните Филипини се искачи на 14 лица, а седуммина се водат како исчезнати, соопштија властите, јавува Анадолу.
Силниот земјотрес го погоди крајбрежјето на провинцијата Сарангани на островот Минданао, урна згради и предизвика предупредувања за цунами низ регионот, соопшти Геолошкиот институт на САД.
Канцеларијата за цивилна одбрана во прелиминарниот извештај потврди 14 смртни случаи, седум исчезнати лица и околу 10.000 семејства погодени во подрачјата каде што се случи катастрофата.
Пацифичкиот центар за предупредување од цунами на САД соопшти дека некои филипински крајбрежни области може да бидат погодени од цунами со висина над три метри над вообичаеното ниво.
Процената на штетите и координацијата продолжуваат од страна на локалните, регионалните и националните агенции за да се утврди обемот на штетата и веднаш да се обезбеди неопходната помош за погодените заедници.
Властите во Филипините и Индонезија ги повикаа жителите во погодените крајбрежни региони веднаш да се префрлат на повисоки места.
Околу два часа по првичниот удар регионот беше погоден од нов, силен афтершок со интензитет од 6,1 степен, соопшти Геолошкиот институт на САД.
Од земјотресот оштетени се неколку згради, училници и други училишни објекти во делови од Минданао, што доведе до прекин на наставата, аеродромските чекирања и спроведувањето на операциите во погодените подрачја, јави локалниот весник „Филстар“.
Наставата е привремено прекината во сите образовни институции на сите нивоа во регионот на Минданао погоден од земјотресот.
Претседателот Фердинанд Маркос Џуниор им наложи на владините институции „да дејствуваат веднаш“ со спасувачки операции при катастрофи и обезбедување помош.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на Филипини привремено ја прекина работата на аеродромот во градот Генерал Сантос по земјотресот и предупредувањето за цунами издадено од Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Фиволкс).
Јапонската метеоролошка служба, исто така, издаде предупредување за појава на цунами по должината на пацифичкото крајбрежје во западните и источните делови на земјата.
Цунами со максимална висина од еден метар може да стигне до островот Мијако и островите Јаејама во Окинава, јави новинската агенција „Кјодо”, повикувајќи се на Јапонската метеоролошка служба.
Службата ја повика јавноста да биде подалеку од крајбрежните подрачја за кои е издадено предупредувањето сè додека не биде укинато.