Ikrame Imane Kouachi
05 Јули 2024•Ажурирај: 08 Јули 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Шефот на Мосад, Дејвид Барнеа, денес замина за Доха за да се сретне со катарскиот премиер Мухамед бин Абдулрахман Ал Тани на разговори за договорот за размена на заложници и прекин на огнот во Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Израелската јавна корпорација објави дека „шефот на Мосад замина денес на средби во Катар со катарскиот премиер“.
Барнеа патува сам, без остатокот од преговарачкиот тим, во кој беа началникот на службата за безбедност Шин Бет, Ронен Бар и генерал-мајорот Ницан Алон, задолжен за досиејата на заложниците во израелската армија, објави медиумот.
„Преговорите ќе одземат време, а голем напредок не се очекува наскоро. Очекувањата мора да се ублажат“, објави медиумот, цитирајќи неименувани израелски официјални претставници.
„Израел проценува дека преговорите ќе продолжат до еден месец пред да се постигне нешто“, се наведува.
Официјални претставници, кои анонимно разговараа со медиумот, изјавија: „Иако одговорот на Хамас им даде надеж на посредниците, многу прашања треба да се решат, а тоа ќе потрае некое време.“
Вчера Кабинетот на израелскиот премиер потврди дека Бенјамин Нетанјаху го одобрил заминувањето на израелската делегација на индиректни разговори со Хамас, со посредство на претставници од Катар и Египет.
Израелскиот Кабинет, предводен од Нетанјаху, се состана синоќа и, според израелската телевизија, министрите побарале одговор од Хамас, но Нетанјаху одбил да го сподели, за што експертите дале само општо објаснување.
Нетанјаху во неколку наврати ги обвини членовите на Кабинетот за објавување на размислувањата во медиумите.
До денес ниту Израел, ниту Хамас, ниту посредниците не го објавија одговорот што Хамас го достави до посредниците, а кој беше доставен до Израел во средата.