Anees Suheil Barghouti
09 Јануари 2018•Ажурирај: 10 Јануари 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Шефот на израелската разузнавачка агенција Мосад денес изјави дека Израел одблизу ја следи ситуацијата во Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Израел одблизу ја набљудува ситуацијата во Иран. Во Иран имаме очи, уши и уште многу повеќе од тоа“, изјави Јоси Коен за време на затворената сесија во Министерството за финансии, јави израелското радио.
Коен истакна дека актуелните немири во Иран најверојатно нема да го соборат режимот во моментов.
„Би бил многу среќен да видам општествена револуција во Иран. Тоа е нешто што би можело да се случи во иднина“, рече тој.
Незадоволни од економската ситуација во Иран, демонстрантите во иранскиот град Мешхед започнаа со протести на 28 декември, кои набргу добија антивладин карактер и се проширија и во другите градови низ земјата.
Досега, во нередите на улиците низ иранските градови загинаа најмалку 23 лица, додека над илјада се приведени.