Erbil Başay
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ) е многу важна и дека нејзината реализација е една од најголемите задачи на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шолц по средбата со албанскиот премиер Еди Рама во Берлин истакна дека земјите од Западен Балкан имаат стратешко значење за Германија, и дека се важни за стабилноста на регионот и на цела Европа.
Тој рече дека Германија се заложува за што поскоро започнување на преговорите за членство во ЕУ на Албанија и Северна Македонија, што го смета за „заеднички интерес“.
Истакнувајќи дека сите земји од Западен Балкан имаат корист од регионалната соработка, Шолц рече дека ќе го оживее Берлинскиот процес инициран за Западен Балкан.
Додаде дека Албанија игра конструктивна улога на меѓународно ниво и ја поддржува заедничката безбедносна и надворешна политика на ЕУ.
Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива поврзана со идното проширување на Европската Унија кој во 2014 година го иницира тогашната германска канцеларка Ангела Меркел со цел да се поддржи мирната, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан и да се унапредат регионалната соработка и евроинтерграциите на регионот.
Во рамките на Берлинскиот процес досега се одржани шест самити во Берлин (2014), Виена (2015), Париз (2016), Трст (2017), Лондон (2018) и во Познањ (2019).