Ekip
10 Јуни 2022•Ажурирај: 11 Јуни 2022
ОВИЕДО (АА) - Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, денеска го откажа патувањето за Самитот на Северна и Јужна Америка во Лос Анџелес поради итен состанок во Брисел на кој ќе разговара за кризата со Алжир, јавува Агенција Анадолија (АА).
Алжир во средата објави дека ја замрзнува трговијата со Шпанија и го суспендира договорот стар две децении за пријателство и соработка.
Договорот на Шпанија со Мароко околу независноста на Западна Сахара стои зад големиот дипломатски раскол.
Претставниците на Европската Унија во четвртокот од Алжир побараа да го преиспита својот потег, велејќи дека се „многу загрижени“ поради ситуацијата.
Албарес денеска ќе се состане со потпретседателот на Европската комисија и комесар за трговија, Валдис Домбровскис.
Застојот во трговијата веќе ги погодува шпанските компании, кои во четвртиот квартал на 2021 година извезле стоки и услуги во Алжир во вредност од 482 милиони евра, според податоците на шпанското Министерство за трговија.
Шпанија, исто така, во голема мера се потпира на Алжир, нејзиниот втор по големина снабдувач со природен гас.
Засега гасот и понатаму тече, но експертите велат дека Алжир би можел да ја зголеми цената или да одбие да ги обнови договорите по истекувањето.
Пред нешто повеќе од две недели, Италија и Алжир потпишаа нов договор за гас. Во април и двете земји, исто така објавија дека Алжир ќе го зголеми снабдувањето на Италија со природен гас, бидејќи таа земја сака да го запре увозот на енергенси од Русија.
Во четвртокот водечкиот шпански дневен весник „Ел паис“ (El Pais) извести дека претставниците на шпанската Влада размислуваат за тоа формално да го обвинат Алжир за кршење на ЕУ-Медитеранскиот договор од 2005 година.