Amina Zorniç
14 Декември 2015•Ажурирај: 15 Декември 2015
САРАЕВО (АА) - Шпанската полиција во Мадрид уапси маж обвинет за 500 присилни абортуси кај жените припадници на колумбиските бунтовнички единици, јавува Anadolu Agency (АА).
Иако не е објавен идентитетот на осомничениот, за кој колумбиската влада со години е во потрага, полицијата изјави дека бил познат под името "медицинска сестра". Апсењето следи откако Врховниот колумбиски обвинител Едуардо Монтеалегре изјави дека неговата Канцеларија започнува истрага која вклучува 150 случаи во кои поранешните жени од колумбиската бунтовничка група тврдат дека биле принудувани да абортираат.
Монтеалегре тогаш изјави дека постојат докази дека жените од колумбиската бунтовничка група биле принудени да абортираат. Колумбиските власти тврдат дека жртвите на обвинетиот маж биле силувани од борците на групата ФАРК, меѓу кои имало најмалку 50 малолетни девојчиња.
Некои од нив наводно биле принудени да абортираат во напредната бременост. Од Колумбија велат дека поголемиот дел од таквите прекинувања на бременоста се извршени во периодот меѓу 1998 и 2000 година.
Колумбија последните три години интензивно преговора со ФАРК да се запре петдеценискиот конфликт во земјата во кој загинаа повеќе од 220 илјади лица, а шест милиони Колумбијци беа принудени да се преселат.