Fatjon Cuka
14 Јуни 2016•Ажурирај: 14 Јуни 2016
ТИРАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Волтер Штајнмаер, за време на прес-конференцијата со својот албански колега, Дитмир Бушати, обрна внимание на процесот на реформата на правосудниот систем во Албанија, истакнувајќи дека тој се надева дека оваа реформа ќе биде завршена што е можно побрзо, јавува Anadolu Agency (AA).
Штајнмаер се сретна со неговиот албански колега, Бушати, додека на крајот на средбата двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.
Албанскиот министер, исто така, се осврна и на реформите во правосудниот систем и изјави дека оваа реформа има за цел да го приближи системот до барањата на Албанците.
„Оваа реформа ќе придонесе за економијата на земјата, борбата против корупцијата, борбата против радикализмот. Важно е реформите да бидат квалитетни. Албанија останува партнер за Германија и другите сојузници во борбата против тероризмот”, рече Бушати.
Штајнмаер изјави, меѓу другото, дека во Германија внимателно се следи развојот на настаните во Албанија.
„Дојдов тука за сериозни теми како што се реформите во правосудството. Албанија е важен партнер за нас и значајна земја во регионот на Западен Балкан. Ние го започнавме Берлинскиот процес за обликување на соработката во регионот во повеќе области, како што се економијата, културата, спортот, итн со оглед на развојот на настаните во Албанија, таа има направено значителен напредок во однос на регионалната соработка. Берлинската конференција беше формирана како иницијатива од страна на регионалните партнери и ние го следиме овој процес. Важен елемент на Берлинскиот процес е тоа што ние се согласивме не само да се зголеми нивото на размена, но исто така и да ги доближиме младите луѓе. Ние процесот на случувањата во Албанија го следевме внимателно и го почитуваме тоа. Земјата презема важни реформи кои се очигледни”, рече германскиот министер.
Според него, реформата на правниот систем е во фокусот на јавното мислење.
„Се надевам дека она што е на работната маса е проект кој ќе се грижи за поголема независност на правниот систем и ќе создаде повеќе простор за борба против корупцијата и се надевам дека реформите во правосудството ќе се склучат брзо. Ние имаме потреба од демократска Албанија и независен правен систем”, додаде Штајнмаер.
Министерот за надворешни работи на Германја, во текот на денот ќе се сретне и со премиерот на Албанија, Еди Рама, и лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша.