Ekipa
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
НАЈРОБИ (АА) - Николај Костер-Волдо (46), моментално најпопуларниот дански актер и ѕвезда на серијата „Игра на троновите“, престојува во кенискиот главен град Најроби, за да укаже на сиромаштијата во таа земја и заради промовирање на родовата еднаквост, јавува Anadolu Agency (АА).
Познат по улогата како Џејми Ланистер, во американската хит-серија, Костер-Волдо пристигна во дводневна посета на Нигерија за да изрази поддршка на кампањата на Обединетите нации (ОН) „17 глобални цели на одржливиот развој“, кои се однесуваат на меѓународниот развој до 2030 година.
Тој како нов амбасадор на добрата волја на УНДП (UNDP), учествуваше во фудбалскиот турнир за жени, за да даде поддршка на зајакнувањето на жените во заедницата.
Во разговор за АА, Костер-Волдо рече дека во Најроби пристигнал за да се бори, но не како во серијата „Игра на троновите“, каде што обично носи оклоп од „Валириски челик“, туку за да го искористи своето влијание како актер во борбата за подобра иднина на жените и девојките.
„Тука сум за да се борам за три работи што би можеле да ни попречат во остварувањето на поставените цели, а тоа се сиромаштијата, нееднаквоста и подигањето на свеста за заштитата на нашата планета. Она што ми се допаѓа во концептот на глобалните цели е тоа што единствениот начин за да се решат овие големи проблеми со кои се соочуваме е на нив да гледаме глобално. Во интерес на сите е да се спасат луѓето од сиромаштија, бидејќи ако сте гладни, ако не можете да се издржувате, како ќе го издржувате своето семејство или земјата?“, прашува данскиот актер.
Добрата вест е, како што рече тој, тоа што секојдневно, повеќе од 250.000 луѓе се избавуваат од екстремна сиромаштија, но инсистира на тоа дека светот може да направи многу повеќе.
Костер-Волдо додава дека со нетрпение го чека денот кога климатските промени, родовото насилство, нееднаквоста и сиромаштијата ќе бидат дел од минатото, откако светот до 2030 година ќе ги оствари целите на одржливиот развој коишто светските лидери ги договорија во 2015 година.
Илјадници обожаватели се собраа на турнирот за да го видат омилениот актер и во надеж дека „Џејми“ ќе им открие барем некои детаљ од новата сезона на американската средновековна фантастична телевизиска серија, чија премиера се очекува во јули. Сепак, данскиот актер не попушти, истакнувајќи дека нема да ги открие т.н. „спојлери“.
Турнирот што во неделата се одржа во Најроби, односно Светскиот куп на глобалните цели (FFWCup), кој се игра според системот нокаут, започна во Копенхаген во 2016 година, со цел да се укаже на моќта на спортот во менувањето на светот. Големото финале ќе се одржи во Њујорк, во септември оваа година.