Emre Aytekin
30 Април 2019•Ажурирај: 30 Април 2019
ТОКИО (АА) - Во последното јавно обраќање на нацијата, јапонскиот цар Акихито официјално соопшти дека на полноќ абдицира и дека тронот го остава на својот син, принцот Нарухито, пренесува Anadolu Agency (AA).
На свечената церемонија, Акихито му се заблагодари на народот за поддршката во текот на трите децении кои ги мина како цар.
„Среќен сум што имав чест да ги извршувам своите должности со целосна доверба од јапонскиот народ“, рече царот во заминување, Акихито.
Прошталната церемонија царот Акихито ја започна со посетата на храмот „Кашикодокоро“, каде што во текот на верскиот обред наглас изговори дека го напушта тронот на монархијата.
Ерата на владеење на царот Акихито носеше назив „Кеисеи“, што во превод значи „постигнување мир“, а ерата на неговиот наследник Нарухито ќе се вика „Реива“, што значи „убава хармонија“.
Принцот Нарухито утре свечено ќе го преземе царскиот меч и скапоцените камења и ќе седне на тронот на монархијата.
Царот Акихито уште во 2016 година најави дека поради здравствени причини ќе абдицира од тронот на јапонската монархија. Тој ќе стане првиот жив јапонски цар кој абдицирал по две години.
Првин, церемонијата за примопредавање на тронот на монархијата беше планирана за 22 октомври оваа година, но сепак е одлучено тоа да се случи вечерва и тоа во рамките на јапонскиот празник Златна недела, кој почна на 27 април.
Царот во заминување Акихито и царицата Мичико ќе добијат статус на монарх емеритус, а како такви нема да се појават на церемонијата на претставување на новиот цар Нарухито.
Царот Акихито на тронот на јапонската монархија е од 1989 година, а како 55-годишник таа функција ја наследи по смртта на својот татко, царот Хирохито.
Палатата на јапонскиот цар за јавноста е отворена во текот на новогодишните празници и за време на роденденот на царот. Царот на Јапонија претставува симбол на државата и на единството на нацијата, а вистинските овластувања во државата ги имаат политичките институции, чиј состав се избира на избори.