Gamze Türkoğlu Oğuz
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) – Марк Ловкок, заменик-генералниот секретар за хуманитарни прашања при Обединетите нации (ОН) истакна дека нема никаков напредок во однос на надминувањето на причините за кои араканските муслимани се принудени да бегаат во Бангладеш, пренесува Anadolu Agency (AA).
По посетата на Бангладеш, Ловкок, во седиштето на Обединетите нации за група новинари изјави дека нема никаков напредок во однос на надминувањето на причините за кои араканските муслимани се принудени да бегаат во Бангладеш и дека Мјанмар „не успеал да обезбеди безбедносни мерки за да ги убеди луѓето да се вратат во своите домови“.
Ловкок истакна дека сите аракански бегалци со кои разговарал во Бангладеш, сметаат дека не е безбедно да се вратат назад, и дека бараат гаранција за слободно движење, образование, работа и пристап до услуги.
Ловкок ја изрази загриженоста од тоа дека од повикот за поддршка од 962 милиони долари за Бангладеш, испратени се само 17 отсто помош од побараната сума.
„Мислам дека можеби светот го губи интересот. Минатата година добивме 70 отсто од тоа што го побаравме. Сега сме многу назад. Ако не бидеме финансирани, ќе има сериозни последици за обезбедување храна и медицински услуги“, нагласи Ловкок.
Тој потсети дека при посетата на Бангладеш, заедно со Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци (УНХЦР) и со генералниот директор на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Антонио Виторино, утврдиле дека речиси половина од 540.000 бегалци кои се под 12-годишна возраст не можат да се образоваат.
„Ако не им се овозможи пристап до образование, ако не можат да добијат можност да живеат нормален живот, светот треба да биде загрижен за тоа во каква состојба ќе биде оваа голема група луѓе по 10 години“, нагласи Ловкок.
Тој, исто така рече дека до официјалните претставници на ОН ја пренел загриженоста на Владата на Бангладеш во однос на кривичните дела на бегалците на камповите во Кокс Базар.
Филипо Гранди, истакнувајќи дека речиси половина од 540.000 бегалци кои се под 12-годишна возраст не можат воопшто да се образоваат, а другата половина има ограничено образование, нагласи: „Ова продолжува да биде една од најголемите светски бегалски кризи.“
- Етничкото чистење на араканските муслимани -
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе, од кои повеќето муслимани, беа масакрирани, и беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во Бангладеш побегнале над 745 илјади лица.
Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на договорот што го постигна со Мјанмар, за враќање на араканските бегалци што се наоѓаат во Бангладеш, во нивните земји.
Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го окарактеризираа како етничко чистење или геноцид.
Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без притоа да се обезбеди безбедна средина, ќе доведе до ново етничко чистење.