Zeynep Tüfekçi
18 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
АЛ ХУДЕЈДА (АА) - Во полноќ на сила стапи Договорот за примирје кој за пристанишниот град Ал Худејда го постигнаа конфликтните јеменски страни за време на минатонеделните преговори во Шведска, јавува Anadolu Agency (AA).
Во согласност со Договорот постигнат за време на мировниот процес под покровителство на ОН, силите лојални на меѓународно признатата јеменска Влада и припадниците на бунтовничкото движење Хуси, синоќа на полноќ прекинаа со судирите.
Мировниот договор предвидува повлекување на вооружените групи и предавање на градот и пристаништето под контрола на неутралните сили. Најавено е и отворање на хуманитарен коридор.
Делегациите на меѓународно признатата јеменска Влада и бунтовничкото движење на Хусите договорија слично сценарио и за градот Таиз, и постигнаа договор за размена на повеќе илјади заробеници.
Ал Худејда е најголемо пристаниште и град кој е срцето на Јемен. Преку ова пристаниште во Јемен пристигнува 90 отсто од вкупниот увоз и 80 отсто од вкупната хуманитарна помош.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна.
Бунтовничкото движење на Хусите го контролира главниот град Сана и уште неколку важни региони во земјата, а меѓународно признатата Влада на Јемен дејствува од пристанишниот град Аден.
Судирите во Јемен дополнително се интензивираа во март 2015 година, кога Саудиска Арабија со своите сојузници започна воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Во војната е уништена инфраструктурата на земјата, вклучувајќи го здравството, водоводната мрежа и канализацијата, поради што ОН ја опишаа ситуацијата во оваа заливска земја како една од најлошите хуманитарни катастрофи на модерното време.