Ekipa
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
САНА (АА) - Во крајбрежниот јеменски град Ал Худејда денес избувнаа судири меѓу владините сили и бунтовниците Хуси, јавува Anadolu Agency (AA).
„Насилството избувна во неколку населби во источните и јужните делови на градот“, изјавија владини извори под услов да останат анонимни.
Тие ги обвинија бунтовниците Хуси за започнување на судирите со нападот на позициите на владините сили во градот.
Во врска со наводите нема реакција од движењето на Хусите.
Вчера јеменската Армија соопшти дека 12 цивили биле убиени и повредени во гранатирањето од страна на Хусите, јужно од Ал Худејда.
Новите насилства доаѓаат во период на префрлањето на вината меѓу јеменската Влада и бунтовниците за кршење на Договорот за прекин на огнот во тој стратешки град, постигнат со посредство на ОН.
Јемен од 2014 година е зафатен од судири, кога движењето на Хусите зазеде голем дел од земјата. Кризата ескалираше во 2015 година кога коалицијата предводена од Саудиска Арабија започна воздушна кампања, чија цел беше враќање на териториите заземени од Хусите.
Долгогодишните судири уништија голем дел од инфраструктурата на Јемен, поради што ОН ја опишаа ситуацијата во земјата како една од најлошите хуманитарни катастрофи во поновата историја.