Nilay Kar
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Авганистан донираше 1 милион долари финансиска помош за палестинските бегалци на настан во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот на Авганистан во Турција, Абдул Рахим Саjед, ја додели помошта на Пјер Крахенбул, комесар на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA), на церемонијата на која присуствуваше и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Чавушоглу ја пофали авганистанската Влада и народот за нивната помош кон палестинскиот народ, која доаѓа по апелот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC) за поддршка на Палестинците.
„Авганистанците имаат поголема потреба од Палестинците од 1 милион долари поради условите во кои живеат - особено поради теророт и другите предизвици со коишто се соочуваат“, рече Чавушоглу.
„Но тие ги испратија овие пари тука, заборавајќи на сопствените тешкотии, со цел нашите браќа и сестри палестински бегалци да го продолжат своето образование и да не останат гладни и бездомници.“
Тој додаде: „Овој придонес и помош што ја пружи авганистанскиот народ никогаш нема да бидат заборавени. Палестинците никогаш нема да ги заборават помошта и поддршката што им е дадена.“
Амбасадорот на Авганистан, од своја страна, го нарече ставот на Авганистан за Палестина „силен“.
„Ние, Авганистанците, се соочуваме со многу економски проблеми и се бориме за подобра иднина за нашиот народ. Свесни сме за тешкотиите со кои се соочува палестинскиот народ“ , рече Сајед.
„Ним [на палестинските бегалци] им треба поддршка и ние треба да преземеме цврсти мерки за да им обезбедиме основна хуманитарна помош и поддршка.“
Тој истакна дека авганистанската Влада го смета апелот на Ердоган упатен кон земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC) за поддршка на палестинскиот народ како позитивен чекор.
Авганистан, исто така, ја поздрави иницијативата на Организацијата за основање фонд за поддршка на палестинските бегалци.
Во својот говор амбасадорот ги повика земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC) да го поддржат палестинскиот народ, особено во време кога таа помош и поддршка му се неопходни.
Од своја страна, Пјер Крахенбул, комесарот на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA), се заблагодари за помошта на Авганистан.
„Ова е нешто што ќе го носиме како порака низ светот за да ги инспирираме останатите да застанат цврсто покрај палестинските бегалци, во време кога палестинските бегалци чувствуваат дека се заборавени од светот.“
Во соопштението од јануари, УНРВА истакнува дека финансирањето е потребно за Агенцијата да продолжи да обезбедува помош за околу 5,4 милиони палестински бегалци низ Блискиот Исток и за одржување на активностите на Агенцијата на нивото од 2018 година.
Поздравувајќи ја поддршката на Турција за УНРВA во време на криза, кога Агенцијата го изгуби финансирањето од САД минатата година, официјалниот претставник на УНРВА рече:
„Чест ни е што бевме примени од неговата екселенција Реџеп Таип Ердоган, а сигналите што дојдоа од него и од вашето раководство во клучните моменти, на клучните конференции и на состаноците на Генералното собрание на ОН се извонредни во однос на пораките за поддршка од Турција.“
Минатата година американскиот претседател Доналд Трамп го прекина годишното финансирање на САД за УНРВА.
САД досега беа најголемите финансиери на Агенцијата, обезбедувајќи 350 милиони долари секоја година - речиси една четвртина од вкупниот буџет.
УНРВА беше формирана од страна на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во 1949 година, со цел да обезбеди помош и заштита на палестинските бегалци во своите пет области на хуманитарна активност: Јордан, Сирија, Либан, Западен Брег и Појасот Газа.