Amir Latif Arain
28 Мај 2026•Ажурирано: 28 Мај 2026
Тројца јужнокорејски активисти, кои беа притворени за време на хуманитарната мисија за помош на Газа овој месец, денес изјавија дека биле сексуално и физички злоупотребувани од израелските војници, пренесуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Јужнокорејските државјани Ким Ах-хјун и Ким Донг-хјеон, заедно со Кореецот со американско државјанство Џонатан Виктор Ли, ги опишаа своите искуства на брифингот за новинарите, неколку дена по враќањето дома по нивното ослободување минатата недела, јави новинската агенција „Јонхап“ со седиште во Сеул.
Тројцата Јужнокорејци кои беа измачувани се меѓу стотиците меѓународни активисти на глобалната хуманитарна флотила „Сумуд“, која минатата недела беше пресретната од израелските сили во меѓународни води.
„Мажите беа измачувани со електрошокови (тејзери), а жените беа сексуално вознемирувани и напаѓани“, изјави Ким Ах-хјун.
„Ги слушавме војниците како се потсмеваат и даваат наредби, како и патниците што беа тепани. Врескотниците траеја толку долго, беше застрашувачки“, додаде таа.
Ким рече дека еден морнар бил застрелан во бутот и оставен без медицинска помош, додека местото каде што ги чувале притворените било „полно со луѓе со скршени коски“ што не добиле никаква медицинска нега.
Ким Донг-хјеон, исто така, ги опиша условите во притворот, велејќи дека ги слушал луѓето што биле измачувани и изложени на „постојана сексуална злоупотреба“.
Тој рече дека тројцата биле тепани „безброј пати“ во траење од пет до десет минути и дека рацете постојано им крвавеле поради пластичните стеги со кои биле врзани.
Во своето сведоштво Ли рече дека многу притвореници биле принудени да гледаат како ги напаѓаат другите и дека се здобиле со сериозни повреди од шок-бомби и гумени куршуми.
Ли рече дека војниците му скршиле ребро при тепањето и измачувањето со електрошокови.
Претходно Ким Ах-хјун беше притворена од израелските сили во октомври додека се обидувала да ја пробие израелската блокада на Газа, а подоцна јужнокорејската Влада ѝ го одзела пасошот.
Таа треба да се сретне со адвокати и претставници на Министерството за надворешни работи следната недела пред да поднесе барање за нов пасош.