ЛОНДОН (АА) - АХМЕТ ГУРКАН КАРТАЛ -
Угледот на Обединетите нации (ОН) во светот почна сериозно да опаѓа по геноцидот во Босна, нагласи познатиот британски музичар Јусуф Ислам.
„Тоа покажува дека големите сили и нации не секогаш сакаат тело на „Обединетиот свет“ да се издигне и да биде доволно големо и силно за да донесува свои морални одлуки и да интервенира во вакви случаи“, изјави Јусуф Ислам за Агенција Анадолија по повод 25-годишнината од геноцидот во Сребреница.
„Погледнете ги стотиците немоќни резолуции што седат на полиците во ОН“. Јусуф Ислам потенцираше дека муслиманскиот свет не е обединет, освен преку религиозните имиња и културата.
„Што се однесува до станувањето глобална морална совест, како што напоменува Алах: „И така од вас направивме праведна заедница за да бидете сведоци за човештвото… “, има малку знаци дека овие стихови се применувале наназад многу векови“. рече тој, цитирајќи делови од поглавјето „Ел Бекара“ од Куранот.
„Исламот и муслиманските влади остануваат поделени и обично го преземаат водството од понапредните нации, чекајќи додека не видат зелено светло“. „Тоа е тажен факт“, заклучува Ислам.
Говорејќи за спречувањето на какви било трагедии слични на оние во Босна, Јусуф Ислам рече дека би било добар чекор ако едно неврзано тело ги заштитува своите членки во услови да бидат нападнати.
„Неврзано тело посветено на основните човекови права, засновано врз заштитата на животот, имотот и верските слободи, со цврсти обврски да ги заштити членките доколку бидат нападнати, би било добар чекор“, рече тој.
„Како што е моделот на ОН, освен што ова тело се покажа за неефикасно заради механизмот на Советот за безбедност, кој е во неговиот центар и кој сè уште ги има сите овластувања“.
Јусуф Ислам рече дека медиумите играле многу важна улога во војната во Босна, бидејќи во спротивно сè би било затскриено без секојдневното известување. Тој рече дека дознал за геноцидот како и повеќето луѓе, од медиумите.
„Вестите предизвикаа студени морници кај сите муслимани, а особено кај оние во Европа, каде што тоа се случуваше“. Над 8.000 мажи и момчиња, Бошњаци, муслимани, беа убиени кога силите на босанските Срби ја нападнаа „безбедносната зона“ на ОН во Сребреница во јули 1995 година, и покрај присуството на холандските трупи кои имаа задача да дејствуваат како меѓународни мировници.
Сребреница беше опколена од српските сили, кои се обидуваа да ја преземат територијата од босанските муслимани и Хрватите за да формираат своја држава.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ја прогласи Сребреница за „безбедносна зона“ во пролетта 1993 година. Сепак, српските трупи предводени од генералот Ратко Младиќ, подоцна прогласен за виновен за воени злосторства, злосторства против човештвото и за геноцид, влегоа во зоната на ОН.
Холандските трупи не дејствуваа при навлегувањето на српските сили, кои само на 11 јули убија околу 2.000 мажи и момчиња. Околу 15.000 жители на Сребреница избегаа во околните планини, а српските трупи трагаа по нив и убија 6.000 од нив во околните шуми.
news_share_descriptionsubscription_contact
