СРЕБРЕНИЦА - Кемал Зорлак - Секој што ќе ја ислуша приказната на сребреничанката Нура Алиспахиќ (73) ќе се запраша колку треба човек да биде силен за да издржи толкава болка и да се соочи со судбината што ја доживеа оваа жена.
Кон крајот на 1994 година, во Сребреница, Нура го изгубила својот сопруг Али. Потоа, на 25 мај 1995 година, во масакрот на Тузланската капија бил убиен нејзиниот 24-годишен син Адмир, а само неколку месеци подоцна, таа изгубила уште еден син, 16-годишниот Азмир, пишува Anadolu Agency (AA).
Азмир имал само 16 години кога, со истрел во грб е убиен од припадниците на озлогласената единица „Шкорпиони“, кон крајот на јули или почетокот на август 1995 година, во близина на Трново. Освен Азмир Алиспахиќ, кој е најмладата жртва на убиствата во Трново, убиени се уште петмина сребреничани, односно Сафет Фејзиќ (17), Дино Салиховиќ (18), Јусо Делиќ (25), Смаил Ибрахимовиќ (35) и Сидик Салкиќ (36).
Убиството на шестемина сребреничани во близина на Трново во 1995 година е опфатено со обвинението пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, против командантот на Главниот штаб на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кому пресудата ќе му биде изречена утре.
Тимот на АА по тој повод ја посети Нура Алиспахиќ, која денес живее во Сребреница, а таа во текот на разговорот се присети на атмосферата во овој град во средината на јули 1995 година, како и на моментите кога за последен пат го видела својот син Азмир.
„Владееше паника, не се знаеше кој каде удира. Јас ја чистев куќата, дојде една жена и ми рече: „Нуро што правиш, четниците ти се зад куќа. Ја заклучив вратата, не знам ни самата како стигнав до Поточари, народот беше во паника. Гранати паѓаа од сите страни“, раскажува Алиспахиќ.
- „Се врати за да ме бакне, а јас знаев дека никогаш нема да се врати“ -
Говорејќи за својот син Азмир, додека во рацете ја држи неговата фотографија, Нура раскажува дека бил добар како и сите други деца.
„Беше осмо одделение, не заврши ни училиште кога падна Сребреница. Отиде преку шумата. Го испратив, а тој кратко потоа се врати. Го прашав: „Сине, зошто се врати?“ Тој рече: „Не те бакнав мамо, се вратив за да те бакнам“. Јас го бакнав. Оди сине, му реков, а знаев дека веќе никогаш нема да се врати“, со солзи во очите раскажа Нура Алиспахиќ.
На синот, вели таа, на разделбата му дала парче пченкарен леб, малку кромид, сол и едно шише со вода. Заминал, и тоа било последен пат кога го видела.
Таа се присети и на моментот кога го препознала својот син на видеоснимката, на која се гледа како припадниците на „Шкорпионите“ им пукаат в грб на шестмината сребреничани.
„Кога излезе од камионот, таму имаше само камења и трње, бев на тоа место. Застана камионот, почнаа да ги вадат, тројца од нив излегоа, кога излезе четвртиот викнав: 'Ене го мојот Азмир'. Тие го извадија и го прашаа: 'Дали некогаш бил со жена?' - тој рече: 'Не, чичко', а тие му рекоа: 'Па нема никогаш ни да бидеш". До мене беше ќерка ми, викав колку што имав сила, тогаш се онесвестив“, раскажува Алиспахиќ.
Осврнувајќи се на судбината на постариот син, Адмир, кој беше убиен во масакрот на Тузланската капија, Алиспахиќ рече дека за тоа чула преку радио.
„Слушав вести и чув за масакрот во Тузла. Ми го зедоа радиото и ми го исклучија. Веднаш помислив на мојот Адмир, кој во тоа време беше во Тузла. Доаѓаа потоа кај мене општинските власти, ги слушнав пред вратата како зборуваат: „Нема да ѝ кажуваме за Адмир“. Јас зедов нож и се обидов да се убијам, ме спречија“, вели Алиспахиќ.
Подоцна добила писмо од другар на Адмир, во кое пишувало дека нејзиниот син бил тешко ранет во масакрот, по што и починал. Во периодот пред да почине, имала можност со него да се чуе накратко преку телефон.
Во Тузла, поради пад на граната од позициите на Војската на Република Српска на Озрен, на кобниот мајски ден загинаа 71 лице на просечна возраст од 23 години. Најмладата жртва имала две години. Над 200 млади луѓе беа ранети.
- Зошто ми го убивте синот? -
Алиспахиќ присуствуваше на судењето на припадниците на единицата „Шкорпиони“ во Белград, кои беа осудени на неколку години затвор. Рече дека тогаш имала можност да се соочи со припадниците на единицата и дека ги прашала зошто го убиле нејзиниот син.
„Наташа Кандиќ ми го покажа, го погледнав и го прашав: 'Како можеше да го убиеш моето дете?' Тој ми рече дека друг му наредил и му го посочил со прст. Му реков: 'Кога ти наредил да ги убиеш, подобро да ги пуштеше во шумата'. Рече дека тоа не смеел да го стори", раскажа Алиспахиќ.
На прашањето кои се нејзините очекувања од пресудата на Младиќ, Алиспахиќ одговори дека треба да добие доживотен затвор, но додаде дека не верува оти ќе дојде до тоа. Како што рече, правдата никогаш не може да биде задоволена, бидејќи нејзините деца веќе ги нема, невозможно е да се вратат.
„Барем еден од нив да останеше“, рече Нура, бришејќи ги солзите и силно стегајќи ги дланките.
- Сѐ мислам дека кај гробот ќе го затекнам жив, но него го нема -
Азмир беше погребан во 2003 година, на гробиштата во Меморијалниот центар во Поточари, откако беше пронајден само еден мал дел од неговите посмртни останки. Неколку месеци подоцна, рибар го пронајде неговиот череп и коска од раката, по што е извршена реесхумација и неговите коски се додадени во гробот.
„Ме повикаа и ме прашаа дали дозволувам да се додадат неговиот череп и раката, јас се согласив. Отидов таму, кога го извадија табутот, го отворија, ги видов неговите коски. Ми беше тешко и за малку ќе се онесвестев. Но, додека гледав во неговите коски, ми беше полесно. Ги зедов и ги бакнував коските“, раскажува Нура.
Алиспахиќ рече дека денес ѝ е многу тешко да минува низ Поточари, а особено до местото каде што е закопан синот.
„Кога ќе тргнам кон гробот на мојот син, исто како да ќе го најдам таму жив, како да ќе го затекнам како седи и ме чека. Така срцето ми станува некако полно. Сѐ очекувам дека ќе ме чека, но него го нема“, вели Нура.
Годините минуваат, од најблиските на Нура останаа само сеќавањата и неколкуте фотографии. Денес таа живее сама во Сребреница. Освен нејзиниот сопруг и синовите, Нура изгубила 11 внуци од сестри, браќа, братучеди, вујко, чичко, а нејзиниот свекор и свекрва биле живи запалени во куќата. Секоја година оди во Трново и во Тузла, местата каде што се убиени нејзините синови. Како што вели, секој пат станува сѐ потешко, а болката сѐ посилна.
- Видеоснимката за првпат прикажана во текот на судењето на Слободан Милошевиќ -
На снимката се гледа како неколкумина припадници на „Шкорпионите“, од кои некои имаат црвени беретки на главите, од камионите изведуваат шестмина врзани цивили. Со погрдни зборови и навреди потоа ги носат во шумата, а потоа со поединечни истрели ги убиваат од зад грб. Извршителите потоа од непосредна близина им пукаа директно во главите на жртвите паднати на земјата. Преостанатите двајца заробеници беа принудени телата да ги пренесат, а потоа „Шкорпионите“ и нив ги убија во ближната полусрушена куќичка.
Снимката за убиствата на сребреничаните во Трново за првпат беше прикажана пред Трибуналот во Хаг, на судењето на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, кој почина пред крајот на судењето.
Сторителите на злосторството кај Трново се уапсени во Србија и во Хрватска, и осудени на повеќегодишни затворски казни. Командантот на „Шкорпионите“ Слободан Медиќ Боца, беше осуден на 20 години затвор, а неговиот брат Бранислав Медиќ на 15 години. На Петар Петрашевиќ, кој ја призна вината, изречена му е затворска казна од 13 години. Милорад Момиќ во Хрватска е осуден на 15 години затвор, како и Слободан Давидовиќ.
Во 2014 година, Слободан Медиќ заедно со целото семејство загина во сообраќајна несреќа во Србија, за време на слободниот викенд на кој беше пуштен од издржувањето на казната.
news_share_descriptionsubscription_contact
