Ömer Tuğrul Çam
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Белгиската Влада нареди истрага за државната железничка компанија во земјата за да се утврди нејзината улога во транспортот на 25.000 Евреи во концентрационите логори за време на Втората светска војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на белгискиот „Де морген“ (De Morgen), железничката компанија СНКБ/НМБС транспортирала 25.000 Евреи и Роми во бараките во градот Мехелен, Белгија, помеѓу 1942 и 1944 година.
Оттука овие луѓе со товарни возови биле пренесени во концентрациониот логор „Аушвиц“. Но, улогата на железничката компанија во овој процес на транспорт не е истражена во Франција, Холандија и Германија.
Затоа, белгиската Федерална влада и белгискиот Сенат побараа независна истрага. Известено е дека истрагата ќе ја спроведе Истражувачкиот центар за војна и современо општество, кој ги испитува државните архиви.
Во сличен извештај на Центарот се наведува дека тогашните белгиски власти без никаков приговор ги следеле упатствата на Германската армија. Покрај тоа, се додава дека некои од вработените во компанијата давале отпор, а ќе се испита и дали тие го саботирале транспортот на Евреите.
Како резултат на истрагата, може да се плати компензација на лицата кои се живи или на роднините доколку се починати, како што беше случајот во Холандија претходно.
Во истрагата спроведена во Холандија во 2018 година, утврдено е дека холандската државна железничка компанија добивала пари за превоз на Евреите во концентрационите логори за време на Втората светска војна. Поради оваа причина, беа исплатени десетици милиони евра како отштета на жртвите кои се сѐ уште живи или на нивните роднини.