Nazir Aliyev Tayfur
11 Јануари 2021•Ажурирај: 11 Јануари 2021
БИШКЕК (АА) - Садир Џапаров, кој победи на претседателските избори во Киргистан, на прес-конференцијата одржана во главниот град, Бишкек, им се заблагодари на гласачите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Наведувајќи дека во последните 30 години корупцијата е вкоренета во секое поле, Џапаров рече дека секој треба да ја поддржува државата во борбата против корупцијата.
- „Нема да ги направиме грешките на старите влади“ -
Истакнувајќи дека е избран за да се бори против корупцијата, Џапаров рече: „Нема да ги направиме грешките на старите влади. Ќе се држиме настрана од политичкиот притисок. Нема да ги толерираме оние што го нарушуваат владеењето на правото.“
Џапаров, наведувајќи дека 1-2 години не се доволни за решавање на проблемите во земјата, нагласи: „Ако се постигне политичка стабилност, за 3-4 години ќе го извадам Киргистан од економската криза.“
Тој истакна дека не чувствува омраза кон оние што упатуваа клевети за него за време на изборната кампања, рече дека целта му е да ја развие неговата земја и да обезбеди мир и стабилност.
Одговарајќи на прашањето на дописникот на АА за очекувањата во односите со Турција, Џапаров рече: „Ќе направиме напори односите со Турција да преминат на повисоко ниво и да бидат помоќни.“
Претседателката на Централната комисија за избори и референдум во Киргистан, Нурјан Шаилдабекова, соопшти дека Садир Џапаров, кој доби 79,18 проценти од гласовите, според првичните резултати, е победник на претседателските избори.