Associated Press
04 Декември 2016•Ажурирај: 04 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Гласачите во Узбекистан денеска бираат нов претседател и наследник на неодамна починатиот повеќедецениски лидер на оваа земја Ислам Каримов, јавува Anadolu Agency (AA).
Каримов, кој почина во септември на возраст од 78 години, владееше со Узбекистан во текот на изминатите 27 години. Тој беше лидер на неговата земја пред и по распадот на Советскиот Сојуз.
Актуелниот вршител на должноста претседател и премиерот на Узбекистан во изминатите 13 години, Шевкет Мирзијојев, е фаворит на денешните претседателски избори на кои се бира нов шеф на државата со мандат од пет години.
Четворица кандидати се во трката за нов претседател на Узбекистан: вршителот на должноста претседател Шевкет Мирзијојев од Либерално-демократската партија на Каримов, Хотамјон Кетмонов од Демократската народна партија, Сарвар Отамуратов од Демократската партија за национална преродба и Нариман Умаров од Социјалдемократската партија на правдата.
Според узбекистанскиот устав, доколку ниту еден од кандидатите не добие натполовично мнозинство гласови, вториот круг од изборите меѓу двајцата кандидати со најголем број гласови ќе се одржи во рок од 30 дена.
Канцеларијата на ОБСЕ за Демократски институции и човекови права ги следи денешните избори, како и околу 1.300-те домашни и странски новинари.