Şenhan Bolelli
18 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
МАДРИД (АА) - Претседателот на професионалната фудбалска лига на Шпанија (ЛФП), Хавиер Тебас, истакна дека приходите на Ла Лига без Барселона ќе се намалат за 20 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во една потенцијално независна Каталонија, Барселона не би можела да се натпреварува во Ла Лига. Приходите на Ла Лига без Барселона ќе се намалат за 20 отсто. Барселона и Реал Мадрид се два истакнати клуба. Во случај кој било од овие клубови да излезе од шпанската лига, би предизвикал многу сериозни економски последици“, истакна Тебас во неговиот говор на организацијата „Светски фудбалски самит“, која се одржува во шпанскиот главен град Мадрид.
Тебас нагласи дека во случај Каталонија да прогласи независност и клубот на Барселона да го поддржи тоа, каталонскиот клуб веднаш ќе биде отстранет од Ла Лига. „Шпанските закони се многу јасни. Каталонските клубови не можат да одлучат каде ќе играат“, рече Тебас, истакнувајќи дека каталонската криза предизвикува финансиски проблеми во Ла Лига.
„Јас не можам да ги мамам меѓународните телевиизиски компании околу правата за директен пренос на шпанскиот фудбал. Затоа донесовме одлука за одложување на некои тендери околу продажбата на правото за директен пренос на Ла Лига, било во ЕУ, Индија или во други држави“, нагласи претседателот на ЛФП.
Според соопштеното, Ла Лига во последните три години оствари приход од вкупно 2 милијарди и 650 милиони евра за правото на директен пренос на Ла Лига.
Од друга страна, претседателот на шпанскиот клуб Реал Мадрид, Флорентино Перез, за весникот „El Espanol“ (Ел Еспањол) изјави: „Не можам да ја замислам Шпанија без Каталонија, ниту Ла Лига без Барселона“.