Şahin Oktay
06 Мај 2017•Ажурирај: 07 Мај 2017
КОЏАЕЛИ (АА) - Во турскиот град Измит се одржува 52. Европско првенство во карате. Македонскиот репрезентативец и балкански првак во карате во категоријата до 84 килограми, Берат Јакупи во финалето загуби од турскиот репрезентативец и минатогодишниот европски првак, Угур Акташ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во третиот ден од Европското првенство во карате, кое се одржува во градот Измит, сместен на крајбрежјето од Мраморното море во азискиот дел на Турција, во финалето се сретнаа македонскиот репрезентативец Берат Јакупи и турскиот репрезентативец Угур Акташ.
Турскиот репрезентативец со судска одлука го совлада македонскиот репрезентативец Јакупи и го освои златниот медал во категоријата до 84 килограми, со што ја сочува титулата која мината година ја освои на првенството во Франција.
Претходните денови на Европското првенство во Измит, се натпреваруваше и македонската репрезентативка Јована Георгиева која го освои бронзениот медал во категоријата до 55 килограми. Во борбата за бронзен медал, македонската каратистка беше подобра од французинката Емили Туј. Мечот заврши на поени 1:1, но македонската репрезентативка го освои бронзениот медал, бидејќи прва освои поен.
Денеска за бронзен медал во категоријата до 50 килограми ќе се бори и македонската репрезентативка Сара Радичевска.