Dejan Maksimoviç
18 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Фудбалерите на Манчестер Сити и Тотенхем синоќа одиграа еден од класиците на модерното време од Лигата на шампиони. Во реваншот од четвртфиналето славеа „граѓаните“ со 4:3. По натпреварот, Џозеп Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити, рече дека елиминацијата била сурова, но дека тоа мора да го прифатат, пренесува Anadolu Agency (AA).
По 1:0 за „петлите“ во Лондон на „Етихад“ ечеше од сите страни. По 11 минути игра веќе беше 2:2, со тоа што двата тима беа по еднаш во водство. Сити поведе со 1:0, а потоа Тотенхем постигна резултат 2:1 во своја корист. Но тука не беше крајот. „Граѓаните“ во 59. минута успеаја да стигнат до посакуваните 4:2, и се чинеше дека ќе го пробијат отпорот на гостите. Сепак, со голот на Фернандо Љоренте во 73. минута повторно дојдоа до резултатот кој ги води во полуфиналето, и кој успеаја да го задржат до крај.
„Тешко е. Ова беше сурово, но мора да го прифатиме. Се боревме девет, десет месеци за Премиер лигата. Тоа е во наши раце. Ќе биде тешко до крајот, но мораме да ја освоиме титулата. Горд сум на играчите и на навивачите. Откога дојдов во Манчестер Сити немам слушнато толкава врева од трибините, но фудбалот е непредвидлив“, рече Гвардиола.
Во борбата за титулата шампион на Англија, првиот следен ривал на Сити повторно е Тотенхем, и тоа на „Етихад“.
„Мораме позитивно да реагираме в сабота. Но нема сега премногу да размислуваме за тоа, важно е што подобро да се наспиеме и потоа ќе се подготвиме за натпревар“, истакна Гвардиола по синоќешната елиминација.
Во полуфиналето на Лигата на шампиони, освен Тотенхем, синоќа се пласираше и Ливерпул, кој по 2:0 на „Енфилд“ славеше и во Порто со 4:1.
Полуфинални парови се: Тотенхем - Ајакс и Барселона - Ливерпул. Првите натпревари ќе се играат на 30 април и 1 мај, а реваншите на 7 и 8 мај. Финалето на овогодишното издание на Лигата на шампиони на програмата е на 1 јуни на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.