Dejan Maksimoviç
04 Јули 2018•Ажурирај: 05 Јули 2018
МОСКВА (АА) - Во еден од четвртфиналните дуели на Светското првенство во Русија, силите ќе си ги одмерат Франција и Уругвај. За францускиот репрезентативец Aнтоан Гризман тоа ќе биде специјален натпревар, бидејќи, како што вели, Уругвај го смета за втор дом, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако неговиот татко по потекло е Германец, мајка му од Португалија, Гризман има посебна поврзаност со оваа јужноамериканска земја која почна во времето кога играше за Реал Сосиедад.
„Уругвај е мојот втор дом. Мило ми е што поминаа во четвртфиналето, затоа што тие се нација и народ што многу ги сакам и имам многу пријатели таму. Тоа ќе биде одличен натпревар за играње, но исто така и убаво емотивно искуство. Во секој клуб каде што играв имаше по еден или двајца Уругвајци“, изјави Гризман за официјалната веб-страница на ФИФА.
За време на неговиот ангажман во Реал Сосиедад, тренер му беше Уругваецот Мартин Ласарте, којшто беше негова голема поддршка и многу му помогна да се приспособи на шпанскиот фудбал. Во Сан Себастијан тој се сретна со Карлос Буено, кој му стана многу близок пријател. Подоцна, при преминувањето во Атлетико Мадрид го препорача Диего Годин, денешниот капитен на уругвајската репрезентација, со кој Гризман има прекрасен однос.
Натпреварот во четвртфиналето на Мундијалот помеѓу Франција и Уругвај ќе се одигра на 6 јули во Нижни Новгород со почеток во 16 часот.