Haydar Karaalp
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
БАГДАД (АА) - Во стампедото што настана пред одигрувањето на финалниот натпревар во рамките на Арапскиот заливски куп во ирачкиот град Басра, животот го загуби едно лице, а 60 лица се повредени, известува Агенција Анадолија (АА).
Ирачката официјална агенција ИНА објави вест заснована врз информации добиени од здравствени извори, во која наведува дека граѓаните уште од раните утрински часови почнале да се собираат пред Стадионот „Палмино тело“ во Басра за да го следат финалниот натпревар меѓу фудбалските репрезентации на Ирак и Оман.
Пред стадионот настанало стампедо од луѓе во кое едно лице починало, а 60 се повредени.
Во веста се вели дека меѓу повредените кои се пренесени во болница има лица кои се во тешка здравствена состојба.
- Премиерот упати повик турнирот да заврши на најдобар начин
Во Басра се наоѓа и ирачкиот премиер Мохамед Шија ас Судани поради финалниот натпревар.
На состанокот со локалните власти во врска со подготовките пред финалниот натпревар, премиерот Судани по стампедото упатил апел до жителите на Басра и ги замолил „да бидат солидарни со надлежните институции за најдобро завршување на турнирот“.
Пред три дена, седум лица загинаа, а 17 лица беа повредени во сообраќајна несреќа на две возила со навивачи кои тргнале кон Басра да го следат полуфиналниот натпревар меѓу селекциите на Ирак и Катар.
Арапскиот заливски куп кој започна во Ирак на 6 јануари, завршува денеска со финалниот натпревар меѓу репрезентациите на Ирак и Оман со почеток во 19 часот.