Barış Seçkin
13 Февруари 2023•Ажурирај: 15 Февруари 2023
РИМ (АА) - Репрезентативецот на Северна Македонија, Елиф Елмаз, кој го носи дресот на италијанскиот фудбалски клуб Наполи, го посвети на Туркије голот што го постигна вчера со својот клуб, упатувајќи порака за солидарност по земјотресите што ја погодија Туркије, јавува Анадолу.
Наполи вчера играше против Кремонезе. Мечот заврши со победа на Наполи со резултат 3:0.
На овој меч, третиот гол го постигна Елмаз, кој по голот се радуваше додека со раце направи знак на полумесечина и ѕвезда (симболи на знамето на Туркије), покажувајќи дека голот ѝ го посветил на Туркије.
Елмаз на социјалните мрежи објави порака во која изрази солидарност со Туркије, која ја опиша како „моја земја“.
Тој ја напиша објавата на турски јазик, објавувајќи и знамиња на Туркије и Сирија кои се погодени од земјотресите на 6 февруари.
„Од Господ посакувам милост за нашите браќа кои загинаа во земјотресот во мојата земја. До нивните семејства упатувам сочувство, додека на повредените им посакувам брзо закрепнување. Сите заедно ќе ги надминеме овие денови, моите молитви се со вас“, напиша тој.
Инаку, Елмаз во периодот од 2017 до 2019 година играше за турскиот фудбалски клуб Фенербахче.